Доматно пире (домата) по домашен рецепт

 

Доматите подготвени на овој начин имаат долг рок на траење. Верувам дека скоро сите подготвуваат домати за во зима и на многу им е познат овој начин, но сепак решив да го споделам за помладите домаќинки затоа што е многу едноставен, а сепак без конзерванс и други додатоци со што се задржува природниот вкус на доматите. Ова пире редовно го користиме за болоњезе сосот, за чорби, варива, а и како салата со додаток на праз.

 

Состојки:

  • 5 кг зрели црвени домати
  • 3 лажици сол
  • 6 лажици шеќер

 

Подготовка:

  1. Најпрво ја отстрануваме лушпата од доматите, така што доматите се мијат и се редат во подлабок сад. Се полеваат со вриена вода, се покриваат и се оставаат 5 минути. 
  2. Потоа ги лупиме и ги рендаме на крупната страна од рендето.Ако сакате пирето да биде без семенки тогаш користете специјална машина за мелење која ги задржува и лушпата и семките. Јас не ги одстранувам семките и затоа ги рендам доматите.
  3. Доматите ги ставаме во подлабок лонец, да се варат на средна температура со повремено мешање.
  4. Додека се варат доматите се мијат шишиња или тегли и се ставаат во рерна на 100 степени убаво да се загреат-стерилизираат.
  5. Одкако ќе се сварат доматите се додава шеќерот и солта, се меша и се собира во врелите шишиња. Се затвара убаво, да се олади и се сместува кај другата зимница.

 

 

 Автор: Даниела Џогова

Авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели или/и реемитување